26/04/2024
SKOPJE

Владимир Путин: Нов светски поредок

Путин: Светот се соочува со најопасната деценија од Втората светска војна 
Рускиот претседател Владимир Путин одржа долг говор и одговараше на новинарски прашања. 
Меѓу другото, кажа дека ерата на доминација на Западот завршува и дека оваа деценија е веројатно најопасната по Втората светска војна.

Во опширниот говор во Москва тој ја правдаше руската инвазија на Украина.

Актуелната геополитичка ситуација во светот ја нарече „револуционерна“, кажувајќи дека Западот повеќе не е во состојба да биде главен, но дека „очајнички се обидува“.

„Идниот светски поредок се формира пред нашите очи“, истакна рускиот претседател.

Повтори дека Западот предводен од САД се обидува да ја уништи Русија.

Цитирајќи го предавањето на рускиот дисидент Александар Солжењицин на Харвард во 1978, Путин кажа дека Западот е отворено расистички и дека од високо гледа на остатокот од светот.

„Таа нивна увереност во сопствената непогрешливост е опасна состојба“, кажа Путин додавајќи дека Русија никогаш нема да прифати Западот да ѝ кажува што треба да прави.

„За разлика од Западот, ние не го ставаме носот во туѓиот двор.

Таканаречениот Запад, целиот свет го стави на коцка во оваа игра, а таа игра е опасна, крвава, и, би кажал, валкана“, кажа Путин.

„Изреката вели: што ќе посееш тоа и ќе жнееш“, додаде на конференцијата на која учествуваа експерти од 44 земји.

„Секогаш верував и сè уште верувам во здравиот разум и уверен сум дека порано или подоцна новите центри на мултиполарниот свет и Западот ќе мора како рамноправни партнери да разговараат за заедничката иднина.

Колку побрзо, толку подобро“, истакна Путин.

Конфликтот во Украина го нарече борба меѓу Западот и Русија за судбината на втората најголема источнословенска држава.

Тоа е делумно и граѓанска војна бидејќи Русите и Украинците се еден народ, кажа Путин.

Тој кажа дека постојано размислува за руските загуби во Украина.

„Но, само Русија може да го гарантира територијалниот интегритет на Украина“, истакна.

Ги отфрли како луди тврдењата дека Русија со експлозии ги оштетила краците на гасоводот Северен тек под Балтичко Море. 

„Русија нема потреба од национализација за да ја компензира штетата од економските санкции со кои Западот ја казнува поради војната во Украина“, кажа рускиот претседател.

Заминувањето на западните компании од Русија го нарече подарок за локалните инвеститори и бизнис секторот кои се прилагодиле на новата ситуација.

Нуклеарната доктрина на руските воени сили е одбранбена, кажа Путин и ги отфрли тврдењата дека Русија планира да употреби нуклеарно оружје во Украина.

Русија е спремна повторно да почне преговори со Соединетите Американски Држави за контрола на нуклеарното оружје, но не добила одговор од Вашингтон на својот предлог за разговор за стратегиска стабилност.

Во говорот Путин кажа дека во неговата земја има граѓани кои се прозападно ориентирани, но истакна дека има согласност кога станува збор за соочувањето со надворешниот непријател.

„Со својот народ е и Руската православна црква, така било порано и така е и денес“.

Кинескиот претседател Си Џинпинг е „близок пријател“, кажа Путин и оцени дека односите со Кина се на „досега највисоко ниво“.

Пофални зборови имаше и за својот турски колега Реџеп Таип Ердоган, кого го нарече силен лидер кој секогаш ги брани турските интереси.

„Ердоган не е секогаш лесен партнер за преговори, но Турција секогаш била стабилна и спремна на договор“, кажа Путин. 

Преземено: Мкд.мк 28.10.2022 год., Скопје 

333 Прегледи

Заинтересираните правни и физички лица може да не контактираат на [email protected] , со барање за договор за закупување на рекламен простор на страната: